Во Приштина, ќе се одржи меѓувладина седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово. Настанот започнува во 10:30 часот со пристигнување на делегациите и пречек на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, од неговиот косовски колега, Албин Курти.
Во рамки на програмата, предвидени се тет-а-тет средби помеѓу премиерите и министрите на двете влади, по што во 12:00 часот ќе започне седницата. На неа ќе се потпишат три значајни документи за унапредување на соработката во областа на енергетиката, граничното управување и образованието.
Првиот меморандум опфаќа енергетика, рударство и минерални суровини, со акцент на инфраструктурни проекти за интерконекција на гас и иницијативи за заеднички развој на енергетски капацитети.
Вториот документ е Протокол за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“, кој ќе ги регулира проверките, царинските контроли и инфраструктурата на граничните точки.
Третиот е меморандум за соработка меѓу министерствата за образование, со кој се поттикнува размена на искуства и подобрување на квалитетот во стручното образование и обука во двете држави.
Седницата ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Мицкоски и Курти во 13:45 часот.