Македонија

15-то издание на Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“

15-то издание на Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“

Под слоганот „Вкуси го моментот, искуси ја авантурата“, изминатиот викенд во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци се одржа петнаесетото издание на Фестивалот на младо вино. Настанот, кој се смета за еден од најпрестижните во регионот посветени на виното и винската култура, оваа година го славеше секој момент на уживање и авантури што ги нуди виното.

На годинешниот фестивал присуствуваа голем број пријатели, соработници и партнери на „Тиквеш“ од земјава, регионот и пошироко. Тие придонесоа во градењето на автентичната винска култура и во евалуацијата на вината од најновата берба, што е во согласност со практиките на големите светски производители на вино.

„Некој мудар човек рекол: ,Не оди по веќе трасирани патеки, оди таму каде што нема пат и остави трага зад себе’. За нас во ,Тиквеш’ секоја берба е нетрасирана патека. Навикнати сме на предизвици, но се стремиме да оставиме трага, и тоа трага што ќе биде на ниво на најдоброто во светот“, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето поздравно обраќање. Тој ја потенцираше посветеноста кон воведување на најмодерните светски практики во производството, трансформацијата кон зелена винарница и примената на ЕСГ-стандарди за заштита на околината и ублажување на климатските промени. Воедно, Јаневски им се заблагодари на соработниците, лозарите, купувачите и локалната заедница, нагласувајќи: „Нашиот успех е и ваш успех“.

Посебен впечаток остави младото вино од сортата смедеревка, за кое енолозите на „Тиквеш“ сметаат дека ќе биде пријатно изненадување за потрошувачите. Покрај добро познатите вина на „Тиквеш“, премиерно беа претставени младите вина од сортите малвазија и станушина, кои имаат потенцијал да ги пленат љубителите на виното. Новите вина на „Тиквеш“, според оценките на енолошкиот тим и впечатоците на присутните, располагаат со одлични карактеристики и висок квалитет, со потенцијал да освојат признанија на светски натпревари.

Гостите можеа да уживаат и во богата забавна програма, каде настапија младите џез музичари од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, маестро Влатко Стефановски, српскиот музичар Дејан Петровиќ со неговиот Биг-бенд, како и диџејот Марко Минт.

Фестивалот, како и претходните години, имаше добротворен карактер. Посетителите имаа можност да дадат донации за организацијата „Донирај компјутер“, која обезбедува компјутери за социјално загрозени семејства, како и за Комисијата за еднакви можности во Општина Кавадарци, која работи на зајакнување на жените и унапредување на родовата еднаквост.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни