И утрово ЈСП е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје.
Од вчера попладне во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ синоќа изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
– Одговорот е едноставен, нема нафта. Возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини, рече Муча за МИА.
Најави дека е можно денеска воопшто да не сообраќаат автобусите доколку не им се достави гориво.