Меѓународен тим предводен од јапонскиот истражувач Аидо Такузо од Институтот за физички и хемиски истражувања РИКЕН објави дека успеал да развие нов вид пластика која е издржлива, но биоразградлива во морската вода и не формира микропластика, објави јапонскиот медиумски сервис НХК.
Според истражувачите, новиот тип на пластика, кој може да се рециклира, ќе помогне да се намали загадувањето на животната средина и акумулацијата на микропластика во океаните.
Тим од научници развиваше материјал кој ќе ја замени конвенционалната пластика добиена од фосилни горива. Истражувачите, кои ги објавија своите наоди во американското списание Сциенсе, објаснуваат дека пронашле нов вид пластика која е безбојна и проѕирна и има иста сила и отпорност на топлина како полипропиленот.
Новиот материјал се нарекува супрамолекуларна пластика – „полимери со структура што се држи заедно со потенцијално реверзибилни интеракции“, а научниците веруваат дека ќе има различни примени.
Микропластиката стана голем проблем кога станува збор за зачувување на планетата, но и за зачувување на здравјето на луѓето, бидејќи научниците открија дека таа навлегла и во нашиот мозок и во другите внатрешни органи.