Сириски авион полетал од аеродромот во Дамаск околу времето кога беше објавено дека главниот град е заземен од бунтовниците, покажуваат податоците на веб-страницата „Флајтрадар“, што укажува на тоа дека во авионот можеби бил соборениот претседател Башар ал Асад, пишува Ројтерс.
Два сириски извори изјавија дека е многу веројатно дека Асад можеби загинал во авионската несреќа и дека е мистерија зошто авионот нагло се свртил и исчезнал од картата.
Сириските бунтовници соопштија дека ставиле крај на 24-годишното авторитарно владеење на Башар ал Асад, во првото обраќање на државната телевизија по молскавична офанзива што го изненади светот. Асад рано утринава го напушти Дамаск во непознат правец, изјавија за Ројтерс двајца високи воени офицери, додека бунтовниците рекоа дека влегле во главниот град, каде што воопшто немало војници. Ројтерс пренесува, повикувајќи се на два сириски извори дека Асад можеби загинал во падот на авионот што го користел за да избега од земјата.
Сириската воена команда денеска ги информирала офицерите дека режимот на Асад завршил, изјави за Ројтерс сириски офицер кој претходно бил информиран за тоа .
Сепак, сириската армија подоцна соопшти дека ги продолжува операциите против „терористичките групи“ во клучните градови Хама и Хомс и во Дара.
„Со сирискиот народ ја славиме веста за ослободувањето на нашите затвореници и кршењето на нивните синџири и го објавуваме крајот на ерата на неправдата во затворот Седнаја“, рекоа бунтовниците, мислејќи на големиот воен затвор на периферијата на Дамаск, каде сириската влада приведе илјадници луѓе.
Илјадници луѓе во автомобили, како и оние кои дојдоа пеш, го преплавија главниот плоштад во Дамаск, мавтајќи и извикувајќи „слобода“ од полувековното владеење на семејството Асад, велат очевидци.
Луѓето извикуваат „Господ е голем“ и скандираат слогани против Асад, а во некои области се слушаат и славенички пукотници.
Ова е првпат опозициските сили да стигнат до Дамаск од 2018 година, кога сириските војници ги освоија областите во предградието на главниот град по едногодишна опсада.
Сириското провладино радио „Шам ФМ“ објави дека аеродромот во Дамаск е евакуиран, а летовите се прекинати. Бунтовниците, исто така, објавија дека влегле во озлогласениот воен затвор северно од главниот град и ги ослободиле затворениците.