Времето на политички игри заврши и опозицијата ќе мора да биде конструктивна за да се донесе Законот за Јавното обвинителство, порача помошникот државен секретар на САД Филип Рикер по средбата со премиерот Зоран Заев. Тој рече дека е веќе време работите да се придвижат кон позитивни перспективи за земјата и затоа е потребно сите политички партии да се вложат кон тоа.
-Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но таа опозиција мора да биде конструктивна , а времето за политички игри и истакнување големи гестови како и играње со перспективите и идеите на граѓаните е веќе помината. Мојата порака е јасна, време е да се придвижат работите за доброто на земјата-рече Рикер.
Рикер ја потврди поддршката на САД за започнување на преговорите на земјава со Европската унија, но повторно потенцираше дека клучно за процесот е усвојување на Законот за Јавно обвинителство чија драфт верзија ја оцени како добра.
-Ова е нешто што граѓаните сакаат да го видат решено и времето да се задржува ова од страна на опозицијата веќе треба да заврши и се надевам дека тие ќе имаат конструктивен пристап. Законот за Специјално јавно обвинителство мора да се придвижи а неговото усвојување сега ќе значи дека тоа веќе нема да биде прашање и ЕУ ќе може да ги отвори пристапните преговори наесен-рече Рикер.
Премиерот Заев рече дека САД го започна процесот на ратификацијата на Протоколот за членство на земјава во НАТО и најверојатно Американскиот Сенат ќе го усвои во септември или октомври рече Заев. Додаде дека американската поддршка за нашите аспирации за членство во Европската унија е особено значење. Владата рече Заев останува посветена на реформите и на соработка со опозицијата особено сега за усвојување на Законот за јавно обвинителство, но доколку нема конструктивност најави дека ќе се бараат други решенија.
-Државата ќе биде во непријатна состојба да изнајдува непосакувани начини за да може да продолжи Јавното обвинителство да работи. Затоа што, знам дека ќе биде понепријатни и понепосакувани оти ќе мора да седиме на лидерски средби да доаѓаат експерти, стручњаци, да изнаоѓаме решение секако, но знам дека државата секогаш мора да го најде начинот-изјави Заев.
Рикер инаку имаше средба и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а по средбата со Заев и со лидерот на ДУИ Али Ахмети во неговото седиште во Тетово, потоа и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со независните пратеници како и со претседателот на државата Стево Пендаровски.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА