Свет

Вонредна состојба во Молдавија поради опасност од запирање на рускиот гас

Вонредна состојба во Молдавија поради опасност од запирање на рускиот гас

Парламентот на Молдавија рано утринава гласаше за воведување национална вонредна состојба за 60 дена, почнувајќи од 16 декември, поради очекуваното намалување на испораките на руски гас од 1 јануари, објави Ројтерс.

Педесет и шест членови во 101-члениот законодавен дом ја поддржаа мерката на гласање кратко по полноќ, откако премиерот Дорин Речан повика на поддршка за мерката за да се обезбеди отцепениот регион на Молдавија Придњестровје да го добие гасот што му е потребен.

Тоа беше гласање, рече Речан, за ставање крај на „гасната уцена“ на Москва.

Прогласувањето вонредна состојба и овозможува на владата брзо да реагира и да го ограничи извозот на енергија.

Молдавија добива руски природен гас преку Украина, која веќе соопшти дека нема да го продолжи договорот за транзит на руски гас со рускиот гасен гигант Газпром.

Речан рече дека рускиот претседател Владимир Путин „сака да го остави населението на Придњестровје без гас и струја и да го држи во заложништво. Москва го прави ова за да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија“.

На парламентот, рече Речан, останува да ја одобри вонредната состојба за „оваа зима да биде последна во историјата на земјата кога ќе бидеме предмет на енергетска уцена“.

Ако не успееме да обезбедиме гас за Придњестровје, тоа „ќе доведе до хуманитарна криза… и исто така ќе создаде ризици за стабилноста на секторот за снабдување со електрична енергија во Молдавија“.

Молдавија добива околу 2 милијарди кубни метри гас годишно од Русија. Од 2022 година Придњестровје и централната влада се договорија целиот руски гас добиен од Молдавија да оди во Приднестровје. Регионот има електрана напојувана со руски гас, кој е витален елемент на економијата на отцепениот регион и исто така обезбедува најголем дел од електричната енергија за деловите на Молдавија кои се под контрола на владата.

Придњестровје, кое не е меѓународно признаено, во вторникот прогласи економска вонредна состојба.

Речан рече дека проблемот со транзитот низ Украина е „вештачки проблем“ бидејќи рускиот гас може да патува преку други рути, Молдавија најави дека алтернативна рута до Придњестровје може да биде транспортирање на руски гас преку гасоводот Турски тек до Турција, а потоа преку Бугарија и Романија.

Испораките може да бидат доведени во прашање, сепак, бидејќи во разговорите Гаспром ги врза континуираните испораки преку алтернативни патишта со своите барања Молдавија да го плати својот долг за минатите испораки, кои според руските проценки изнесуваат 709 милиони долари.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни