Македонија

Приведени четири лица, планирале терористички напади низ Македонија врз цивилни цели и јавни објекти

Приведени четири лица, планирале терористички напади низ Македонија врз цивилни цели и јавни објекти

По неколкумесечна предистражна постапка спроведена од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во соработка со Министерството за внатрешни работи, вчера беше реализирана акција во струшкиот и гостиварскиот регион. Во акцијата беа приведени три лица од Гостивар и едно лице од Струга, за кои постои основано сомнение дека се инволвирани во терористичка организација, кривично дело од член 394-а од Кривичниот законик.

Според информациите, првоосомничениот, дваесет и едногодишен жител на Гостивар, на почетокот на оваа година формирал терористичка ќелија со основа на идеолошката матрица на терористичката организација ИСИС. Тој активно координирал активности со цел изведување терористички напади врз цивилни – „меки цели“ и јавни објекти. Осомничениот создал групи на социјалната мрежа Telegram, каде што објавувал пропаганден материјал на ИСИС, регрутирал нови членови и споделувал упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи. Исто така, се обидувал да набави огнено оружје и поттикнувал други лица за извршување напади во Европа.

Јавниот обвинител предложи мерка притвор за осомничените во траење од 30 дена поради сериозноста на делото, опасноста од бегство и можноста за повторување на кривичното дело. Предлогот за притвор беше поднесен до судијата за претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни