Шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ и од Западен Балкан денеска ќе се сретнат на разговори во Брисел. На дневен ред на состанокот не е предвидено одобрување на одлуки поврзани со проширувањето на ЕУ.
Ќе се разговара за можностите за економска конвергенција, за продлабочување на политичката интеракција, како и за последиците од војната во Украина и соработката на полето на миграцијата. Се очекува по средбата да биде подготвена генерална изјава.
Во најавата за претстојниот состанок се истакнува дека ЕУ настојува да ги продлабочи врските со земјите од Западен Балкан на полето на надворешната политика, одбраната и безбедноста, спротивставувајќи се на хибридните закани и обидите за надворешно мешање и дезинформации. Се додава дека ЕУ и земјите од регионот имаат заедничка одговорност за управување со миграцијата, за усогласување на визната политика, за борба против тероризмот, екстремизмот, организираниот криминал и корупцијата, како и за владеењето на правото.
Средбата ќе се одржи во пресрет на последниот состанок на Европскиот совет годинава закажан за четврток, на кој се очекува да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.