Свет

Брисел подготвува 300 милиони евра помош за балканските земји за спроведување на реформите

Брисел подготвува 300 милиони евра помош за балканските земји за спроведување на реформите

ЕУ подготвува 300 милиони евра за да им помогне на балканските земји кои не се членки на блокот да спроведат реформи, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа на прес-конференцијата по Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Брисел рече дека Планот за раст на Западен Балкан може да ја удвои големината на економиите на земјите од регионот и дека овој план е постепено вклучување на Балканот во заедничкиот европски пазар.

Според неа, процесот на проширување на ЕУ е пожив во последните години, а е забрзан со пандемијата на корона вирусот и војната во Украина.

„Потребно е да се разбере новата реалност дека не е доволно само да се остави отворена вратата на ЕУ, туку мора да се работи активно за приближување на новите земји до блокот“, рече фон дер Лајенова.

Таа нагласи дека Брисел мора да работи на два приоритети со Балканот, а тоа се пристапување во ЕУ и постепена интеграција на заедничкиот пазар.

„Проширувањето функционира. Сите досега го направија блокот помоќен. Потребна ни е взаемна посветеност и од ЕУ и од земјите-членки“, изјави таа.

Таа напомена и дека пристапниот процес ќе остане ригорозен, но дека поради геополитичката ситуација се забрзуваат напорите насочени кон земјите партнери кои сакаат да станат членки на Унијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни