Министерството за дигитална трансформација подготвува препораки за училиштата во врска со мобилни апликации што може да имаат штетно влијание врз учениците. Министерот Стефан Андоновски нагласи дека родителите имаат најголема одговорност, посебно за деца во основно образование.
Тој апелира да се вклучат системите за заштита на деца на мобилните уреди, кои можат да ги спречат несаканите содржини на интернет.
„Подготвуваме препораки кои ќе ги пратиме до сите основни и средни училишта во државата за димензионирање на услугите што се нудат на овие мобилни апликации Сепак, главната одговорност ја имаат родителите. Секој паметен уред има системи за заштита на деца, тие системи може да се вклучат. Тоа може да го направи секој родител, може да го направите и на домашните уреди и на тој начин може да ги заштитиме децата од несаканите појави кои се на Интернет. Апелирам до родителите, особено на децата во основно образование, тоа веднаш да го направат. Ако сакаат да се справуваат со овие закани, кои не се кривични дела, не е пропагирање на некое кривично дело преку апликациите, родителите да бидат повнимателни и да ги искористат забраните што постојат на мобилните уреди“, изјави Андоновски.
Во однос на забраната на мобилни телефони во училиштата, министерот предложи дека учениците не треба да ги користат телефони за време на настава, но ова прашање треба да се решава со Министерството за образование и општините.