Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на изјавата на министерката за образование Весна Јаневска, која го повлече законот за средно образование од Собранието, обвинувајќи ја ДУИ за блокирање на реформите. Од партијата велат дека нивната одлука е мотивирана од грижата за државата и мултиетничкиот карактер на Македонија.
„Министерке, можете да го толкувате повлекувањето на законот како противење од наша страна бидејќи наводно не ја сакаме државата, но тоа е далеку од вистината. Токму затоа што ја сакаме, го направивме тоа,“ се наведува во соопштението на ДУИ.
„Се грижиме за сите граѓани“
ДУИ тврди дека законот е спротивен на принципите на соживот и меѓусебна почит, а министерката ја обвинија за создавање на тензии наместо градење доверба.
„Вашиот пристап, кој исклучува и создава тензии, претставува закана за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Нашата држава има потреба од визија и лидерство што обединува, а не што разделува,“ стои во реакцијата.
Според партијата, нивното противење на законот е мотивирано од потребата за заштита на сите граѓани – Македонци, Албанци и други заедници, од „неодговорни пристапи и одлуки“.
Повик за одговорност и обединување
ДУИ ја истакна важноста на мултиетничкиот карактер на Македонија и потребата од одговорност при носењето закони што влијаат на сите граѓани.
„Нашата држава заслужува визија и лидерство што ќе ги обедини сите заедници, наместо да ги дели,“ порачаа од партијата, додавајќи дека остануваат посветени на зачувување на хармонијата и соживотот во земјата.