Македонија

Хан и Рикер не помогнаа – нема договор за законот за ЈО, Џафери закажа седница за 27 август

Власта и опозицијата цврсто вкопани во своите ставови околу Законот за јавното обвинителство. Се чини дека ниту пораките на еврокомесарот Јоханес Хан како и на американскиот помошник секретар Филип Рикер законот да се донесе со заеднички договор, не ги помести позициите на двете страни. И претседателот на Собранието Талат Џафери иако најавуваше дека од понеделник ќе го стави предлогот на власта за Законот за јавно обвинителство, сепак тој е оставен за по одморите. Џафери со ова им остави време на власта  опозицијата да постигнат евентуален копромис до 27 август, за кога е ставен на дневен ред со европско знаменце и по скратена постапка. Од СДСМ бараат опозициската партија да го дискутираат предлогот во Собранието и да го поддржи.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска повторија дека за нив не е прифатливо решението што го нуди СДСМ и велат дека за неколку дена нивниот предлог ќе биде целосно завршен. Сепак немаат дециден одговор дали нивниот предлог закон ќе го достават на разгледување на собраниска седница или пак како што најави вчера и премиерот Зоран Заев дека доколку нема конструктивност од опозицијата за отворените прашања ќе треба да се организира лидерска средба. Предлогот на опозицијата е обвиненијата поднесени до 30 јуни 2017 од СЈО да преминат во надлежност на јавниот обвинител а постапките почнати после рокот Државниот јавен обвинител да постапи согласно Законот за кривична постапка и мислењето на Врховниот суд. За нив е неприфатливо актуелните обвинители на СЈО да бидат дел од Обвинителството за организиран криминал.

Премиерот Заев деновиве нагласи дека предлогот на опозицијата СЈО да се претопи во Јавното обвинителство е прифатено и дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот. Еврокомесарот Јоханес Хан во четвртокот, а ден потоа и американскиот помошник секретар Филип Рикер порачаа дека овој закон е клучен за добивање датум за преговори и дека опозицијата мора да покаже конструктивност.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни