Најмалку 122 лица загинаа во авионска несреќа на јужнокорејскиот аеродром Муан во неделата, соопшти противпожарната служба.
Авион „Боинг 737-800 Џеџу Ер“ со 175 патници и шест членови на екипажот на лет од Бангкок се обидел да слета на аеродромот без тркала, се излизгал од пистата, удрил во ѕид и се запалил , соопштија пожарникарите.
Според пожарникарите, двајца членови на екипажот, маж и жена, биле извлечени од опашката на авионот со сериозни повреди.
Претставник на противпожарната служба изјави дека, со оглед на силината на ударот, итните служби ја прекинале потрагата по преживеани и сега ги бараат телата на жртвите во близина на авионот.
„Само делови од опашката задржуваат донекаде препознатлива форма, остатокот (од авионот) е речиси непрепознатлив“, рече претставникот на противпожарната служба Ли Јунг-Хјун на брифинг со новинарите.
Според извештајот на новинската агенција Јонхап, аеродромските власти шпекулираат дека опремата за слетување на авионот можеби откажала поради удар на птица , а лошото време е меѓу можните причини за несреќата.
Сè уште не се потврдени теории за можната причина, вклучително и за удар на птица, изјави претставник на Министерството за транспорт, додавајќи дека тие започнале истрага.
Аеродромот во меѓувреме ги откажа сите домашни и меѓународни летови, објави Јонхап.
Боинг изрази сочувство до семејствата на жртвите. Американската управа за безбедност на воздухопловството не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за несреќата.