Македонија

Клековски се вакцинираше против сезонски грип, над 55.000 граѓани веќе се пријавиле

Клековски се вакцинираше против сезонски грип, над 55.000 граѓани веќе се пријавиле

Повеќе од 55.000 граѓани се пријавиле за бесплатна вакцинација против сезонски грип за само една недела, а имунизацијата денеска започна на сите 31 пункт низ државата. Меѓу граѓаните кои ја примија вакцината утрово во Институтот за јавно здравје беше и министерот за здравство, Сашо Клековски, кој повика на навремена заштита, особено кај лицата од ризичните групи.

Клековски посочи дека вакцинацијата е најефикасната мерка за превенција од сезонскиот грип, бидејќи може да го намали ризикот од потешки форми на заболувањето, компликации и смртен исход.

„Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра и најефикасна мерка за превенција на ова заболување. Токму затоа денеска со личен пример укажав на важноста од навремената заштита на здравјето, посебно кај ризичните групи население“, изјави министерот.

Според податоците на Министерството за здравство, од 14 октомври, кога беше отворена можноста за пријавување, до денес се регистрирани 55.535 граѓани за бесплатна вакцинација. Над 60 проценти од пријавените се лица постари од 65 години, додека околу една третина се граѓани со хронични заболувања.

Пријави се евидентирани на сите 31 пункт за вакцинација низ земјава, а најголем интерес има во Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и Тетово. До пладне денеска биле вакцинирани 368 граѓани.

Бесплатната вакцинација е наменета за лицата над 65 години, граѓаните со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.

Граѓаните кои спаѓаат во овие ризични групи, а сè уште не се пријавиле, можат да го направат тоа преку веб-страницата за вакцинација. По пополнувањето на формуларот, пријавата се евидентира во системот „Мој Термин“, а граѓаните потоа добиваат СМС-порака со датумот и часот за вакцинација, на пунктот што го избрале при регистрацијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни