Македонија

Муртезани: Уставните измени и билатералните односи со Бугарија бараат нов пристап

Муртезани: Уставните измени и билатералните односи со Бугарија бараат нов пристап

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во интервју за МИА изрази став дека е неопходно да се размислува за повеќе решенија во односите со Бугарија, наместо да се инсистира на едно, потенцирајќи дека таквиот пристап може да води до застој.

„Моето лично мислење е дека не е добро да се инсистира на едно решение. Ваквиот предлог, како што се сеќавам, беше одбиен од бугарската страна уште при францускиот предлог, а и земјите членки не покажуваат подготвеност да го поддржат. Затоа, важно е да бараме предлог кој ќе биде прифатлив за двете страни,“ изјави Муртезани.

Тој истакна дека билатерализацијата на пристапните преговори со ЕУ создава проблем не само за земјите кандидати, туку и за самата Унија. „Ова прашање станува сериозен предизвик, особено сега, кога се појавуваат најави за блокади од различни земји членки,“ додаде тој.

Уставни измени и реформски процеси

Муртезани посочи дека политичката волја за спроведување на уставните измени постои, но дека процесот мора да се заштити од понатамошна билатерализација. Според него, пристапниот процес треба да се фокусира на реформите и европските стандарди, а не на историски наративи од минатото.

„Ако процесот треба да не направи кредибилна земја за ЕУ, тој мора да биде насочен кон реформи. Во Брисел постои разбирање за ова, но од клучно значење е да имаме стабилна политичка влада во Бугарија, со која ќе можеме да водиме конструктивен дијалог,“ нагласи министерот.

Очекувања од Бугарија

Муртезани додаде дека Договорот за добрососедство и пријателство обврзува и Бугарија да ја поддржува, а не да ја блокира Македонија во евроинтегративниот процес. „Билатералните договори создаваат обврски за двете страни, а останува на нас преку иницијативи да го насочиме дијалогот во позитивна насока,“ истакна тој.

Министерот изрази надеж дека новата бугарска влада ќе покаже подготвеност за соработка и дека ќе се постигнат решенија кои ќе придонесат за стабилност и напредок во европските интеграции.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни