Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати препораки за правилна хидратација за време на празниците, апелирајќи граѓаните да го намалат внесот на засладени пијалаци и алкохол.
Според ИЈЗ, засладените пијалаци придонесуваат за здравствени проблеми како дебелина, дијабетес, кардиоваскуларни болести и забен кариес. Тие препорачуваат избегнување на ваквите пијалаци, заменувајќи ги со вода, млеко, јогурт или несладен чај.
– Како да избегнеме засладени пијалаци? Не купувајте и не складирајте засладени пијалаци дома. Во кафулиња, ресторани и слично, не нарачувајте безалкохолни пијалаци и избегнувајте шлагови, преливи, сокови со растворување, сирупи и така натаму. Редовно носете со себе вода во стаклено шише, советуваат од ИЈЗ.
Алкохолот, како што истакнуваат, е токсична супстанца што создава зависност и е поврзана со сериозни здравствени ризици, вклучувајќи седум вида рак. Според СЗО, не постои безбедно ниво на консумирање алкохол, и колку помалку се консумира, толку е подобро за здравјето.
ИЈЗ ги охрабрува граѓаните да ја направат водата свој прв избор и да се воздржуваат од алкохол и засладени пијалаци, особено за време на празничните периоди.