Поранешниот премиер Никола Груевски, преку објава на социјалните мрежи, упати инспиративна порака за Новата 2025 година, повикувајќи на размислување за личните цели и предизвици, како и на упорност и надеж во постигнување на она што изгледа невозможно.
„Денес е добар ден, кратко барем на една минута, да се потсетите на 2024 година, низ што поминавте и што успеавте или не успеавте да остварите. Но, исто така, да размислите за вашите желби, цели и мечти во новата 2025 година,“ пишува Груевски.
Тој ја нагласува важноста на упорноста, истакнувајќи дека најголемите животни пресврти често доаѓаат тогаш кога мислиме дека сме на крајот на силите. „Успехот е наградата на тие што не се предаваат,“ вели тој, потсетувајќи на познатата мисла на Конфучие: „Не е важно колку бавно одиш, се додека не застануваш.“
Груевски ги охрабри сите да се стремат кон повисоки цели, да не ја губат надежта, и да гледаат на предизвиците како на можност за нова светлина. Дополнително, тој потенцира дека смислата на животот не е само во личните победи, туку и во помагањето на другите.
„Смислата на животот не е само да најдеш среќа за себе, туку да ја даваш на други, да станеш светлина во животите на други луѓе,“ додава Груевски.
Тој заврши со желба Новата 2025 година да биде година на здравје, успеси, позитивни промени и реализација на одамна посакуваните желби. „Нека донесе радост!“ порача тој, упатувајќи честитки за годината која претстои.