Дебатата за предлог законот за Попис на населението е одложена по втор пат, на барање на двете најголеми парламентарни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на комисијата, Влатко Ѓорчев побара целосно повлекување на овој предлог закон и повлекување од дневен ред. Според него, овој предлог закон не соодветствува со критериумите на Еуростат и ОН за попис и дека истиот само ќе ги зголеми проблемите во земјава.
Претседателот на Комисијата за Европски прашања Артан Груби, дебатата за предлог законот ја одложи на неодредено време, со образложение дека на најголемите парламентарни партии им треба повеќе време за консултација и приближување на ставовите.
Пописот на населението е предвидено да се спроведе од 1 до 21 април 2020, а граѓаните кои живеат надвор од државава можат да ги попишат нивни блиски или пак лично во електронска форма од 1 март следната година, еден месец пред почетокот на пописот во земјата. По изгласувањето на законот, ќе почнат технички и технолошки подготовки за пописот, меѓу кои и набавка на 6 илјади компјутери, набавка на апликации и други потребни материјали. Пописот е планиран да чини околу 8 и пол милиони евра за разлика од минатиот пропаднат попис, кој беше проценет на 14 милиони евра.
РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ