Свет

ЕУ гласаше за шестмесечно продолжување на санкциите против Русија

ЕУ гласаше за шестмесечно продолжување на санкциите против Русија

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, официјално потврди дека Европската унија гласала за уште едно шестмесечно продолжување на економските санкции против Русија.

– Министрите за надворешни работи на Европската унија штотуку се договорија уште еднаш да ги продолжат санкциите против Русија – напиша Калас на мрежата Икс.

Сијарто: Унгарија доби гаранции

Унгарија доби гаранции за енергетска безбедност од Европската комисија, кои ги побара пред гласањето за продолжување на санкциите против Русија, соопшти министерот за надворешни работи и економски односи на Унгарија, Петер Сијарто, кој учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

-Унгарија ги доби гаранциите за енергетска безбедност што ги бараше. Европската комисија е посветена на заштитата на гасоводите и нафтоводите кои одат во земјите-членки на ЕУ. Таа јасно стави до знаење дека интегритетот на енергетската инфраструктура што ги снабдува земјите-членки на ЕУ е безбедносно прашање за целата Европска унија – напиша Сијарто на социјалните мрежи.

Тој посочи дека Европската комисија побарала и гаранции од Украина за зачувување на испораките на нафта во Европската унија.

Претходно, пред можното продолжување на санкциите против Русија, Сијарто побара гаранции од шефицата на европската дипломатија Каја Калас и од генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој Матијас Корман дека Украина и ЕУ нема да се мешаат во снабдување со енергија на Унгарија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни