Македонија

ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА Група деца свирепо малтретирале штрк во Гевгелија

ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА Група деца свирепо малтретирале штрк во Гевгелија

Со длабока вознемиреност ја информираме јавноста дека штотуку сме запознаени со случај на страшно малтретирање и повредување на штрк од страна на група деца, велат од Анима Мунди.

Според сведочења на очевидци, кои велат дека постојат и видео-снимки од безбедносни камери, се потврдува дека се работи за свесен и суров чин на насилство врз диво и кревко младо животно, што завршило со сериозни повреди.

Овој настан не смее да помине незабележано, ниту неказнето. Насилството врз животните мора јасно да се препознае и третира како психопатологија и сериозна социјална девијација. Децата кои извршиле ваков чин се жртви на општествената незаинтересираност и игноранција, но и потенцијален ризик за себеси и околината доколку не бидат веднаш опфатени со психолошка и воспитна интервенција, велат од Анима Мунди.

„Анима Мунди“ со години укажува дека хуманоста, сочувството и грижата кон животните и природата мора да се негуваат од најрана возраст – во образовните институции, во медиумите, но најмногу дома. Само преку едукација, системска промоција на етички вредности и одговорно родителство, можеме да изградиме општество во кое вакви акти на суровост ќе станат незамисливи.

„Бараме итна реакција од надлежните институции! Детална истрага и одговорност од родителите и/или старателите; Психолошка проценка и работа со децата кои учествувале во чинот; Активирање на сите законските механизми за заштита на животните; Јавна осуда на настанот од образовните институции и локалната самоуправа.

Нема оправдување за насилство, ниту пак изговор за молк. Секоја форма на насилство мора да се превенира, осуди и санкционира. Затоа што оној кој денес малтретира животно – утре ќе повреди човек“, додаваат од Анима Мунди.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни