Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска најави дека се подготвуваат кривични пријави против Јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“.
Како што вели, тоа е поради недозволивата состојба со сметот во Скопје.
„Јас, како градоначалник, и мојот тим отпочнуваме со порадикални мерки. Подготвуваме кривични пријави до комуналното претпријатие по неколку члена за заштита на животната средина и дополнително бараме законски измени во тој домен“ – посочи Герасимовски.
Според него, институцијата со години не си ги извршува обврските, а граѓаните се тие што ја трпат штетата.
„Сметот претставува грда слика за самите граѓани, но и за туристите кои го посетуваат центарот на градот. Истото ги засега и другите општини. Ова е навистина крајно сериозно – недозволиво е ова во 21 век. Со години наназад правиме притисок, апелираме до Јавното комунално претпријатие редовно да го чисти сметот. Граѓаните се колатерална штета, а плаќаат за таа услуга. Преку сметката за водовод плаќаме и за управување со сметот. Недозволиво е градот, односно комуналното претпријатие, да не ги завршува своите работи навреме“ – рече Герасимовски во емисијата „Објектив“ на МРТ.
Тој вели дека Општина Центар располагало со 110 хигиеничари кои секојдневно се на терен, но и тоа не е доволно ако Градот Скопје не си ја завршува својата работа.