Девојката пронајдена во опожарениот автомобил во Богданци имала 17 години, според неофицијалните информации до кои дојде 4news.mk од извори од истрагата. Случајот се истражува како можно убиство и самоубиство.
Според истите сознанија, се проверуваат сомнежите дека 21-годишниот В.Г. од Богданци најпрво ја убил девојката, потоа го запалил автомобилот, а по ова си го одзел животот.
Овие информации засега не се официјално потврдени од надлежните. Причините за смртта и точниот редослед на настаните треба да се утврдат со обдукцијата и со другите истражни дејствија. Мотивот се истражува.
17 годишната девојка како што објави порталот Скопје 1 претходно го пријавувала 21 годишниот В.Г. Полицијата тогаш го привела и известила надлежното јавно обвинителство.
Според полициското соопштение, случајот бил пријавен на 3 ноември во 18:40 часот, откако граѓанин забележал опожарено паркирано возило и безживотно тело во негова близина, на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село во Богданци.
Полициските службеници го пронашле В.Г. покрај автомобилот, а екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт. По локализирањето на пожарот, во возилото било пронајдено и второто тело.
Извршен е увид, а по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, телата се предадени на обдукција. Продолжуваат мерките за целосно расчистување на случајот.