Македонија

ЕК: Нема напредок во борбата против корупцијата и слободата на изразување во Македонија

ЕК: Нема напредок во борбата против корупцијата и слободата на изразување во Македонија

Македонија нема напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, ниту во слободата на изразување, оценува Европската комисија во Извештајот за земјата за 2026 година. Во судството е забележан одреден напредок преку донесување нови закони, но неговата независност и финансиска автономија и натаму се поткопани од мешањето на другите гранки на власта и од сериозниот недостиг на кадар и пари.

Извештајот, датиран на 4 ноември, го опфаќа периодот од 1 септември 2025 до 1 септември 2026 година. Комисијата констатира и дека нема напредок во усвојувањето на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.

Во оценката за корупцијата, Брисел наведува дека таа останува широко распространета и претставува причина за сериозна загриженост. Предметите за корупција на високо ниво продолжуваат да се одолжуваат и често застаруваат, што придонесува за перцепцијата на неказнивост.

Посебна забелешка има за измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба и злосторничкото здружување. Според Комисијата, тие не ги решаваат соодветно негативните последици од измените од 2023 година и придонеле за правна несигурност.

ЕК бара донесување нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка, како и навремени, професионални и транспарентни истраги, правосилни пресуди и конфискација на криминално стекнатиот имот. Од Државната комисија за спречување на корупцијата се очекува поактивно да открива потенцијални случаи на неправилно постапување.

Во судството, како позитивни чекори се наведуваат новите закони за Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, платите на судиите и обвинителите и парничната постапка. Законот за Судскиот совет во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија, оценува ЕК.

Сепак, Брисел бара донесените решенија да се спроведат, да се пополнат испразнетите места во судовите и обвинителствата и да се обезбеди доволно финансирање. Потребно е и целосно функционирање на автоматизираниот систем за управување со судски предмети АКМИС.

Во областа на слободата на изразување нема напредок, иако се преземени одредени чекори за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис продолжуваат да се соочуваат со ограничена финансиска и административна автономија и нередовно финансирање.

Комисијата бара целосна транспарентност на медиумската сопственост и распределбата на јавните пари за државно рекламирање, спроведување на стратегијата за реформа на јавниот сервис и навремено постапување по заканите и насилството врз новинарите.

Забелешки има и за работата на Собранието. Според извештајот, недостигот од согласност за законите што бараат квалификувано мнозинство ги одложува клучните реформи, а употребата на скратените законодавни постапки дополнително се зголемила.

Кај јавната администрација е забележан одреден напредок, пред сè со проширувањето на електронските услуги. Но, новиот Закон за висока раководна служба има сериозни слабости во составот на комисиите за избор, постапките за избор и вработување раководители и објективните критериуми за разрешување.

Во економскиот дел, ЕК оценува дека земјата има добро ниво на подготвеност за функционална пазарна економија, но постигнала ограничен напредок. Растот се забрзал во 2025 година, додека инфлацијата повторно пораснала. Банкарскиот сектор, во периодот опфатен со извештајот, останал отпорен.

Брисел препорачува зајакнување на фискалната консолидација, вклучително и ограничување на растот на платите во јавниот сектор и пензиите, подобро управување со јавните инвестиции и поактивна борба против сивата економија. Како пречки за растот се издвојуваат иселувањето, ниското учество на пазарот на труд и неусогласеноста меѓу вештините на работниците и потребите на компаниите.

Во јавните набавки нема напредок, а минатогодишните препораки не се спроведени. Комисијата бара посилна конкуренција, подобар надзор и поефикасно откривање неправилности, судири на интереси и измами.

Како позитивна оценка, ЕК ја издвојува целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Истовремено, повикува на доследно спроведување на Преспанскиот договор и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во добра волја од сите страни.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни