Македонија

Ристовски до младите борачи: Да ја израдувате Македонија и да знаете дека ние секогаш ќе стоиме зад вас

Ристовски до младите борачи: Да ја израдувате Македонија и да знаете дека ние секогаш ќе стоиме зад вас

Скопје од 9 до 15 јуни ќе биде центарот на европското борење, откако македонската престолнина ќе биде домаќин на Европското кадетско првенство (У17). Натпреварите ќе се одржуваат во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде се очекува настап на околу 600 млади борачи од 40 земји.

По тој повод, министерот за спорт, Борко Ристовски, денес организираше прием за младите македонски репрезентативци, на кој им порача дека ја имаат неговата целосна поддршка:

„Борењето е еден од нашите најуспешни спортови. Да ја израдувате Македонија и да знаете дека ние како министерство и како држава секогаш ќе стоиме зад вас. Се надевам дека по завршувањето на шампионатот, неколкумина борачи ќе бидат опфатени со програмата преку која финансираме успешни спортисти“, изјави Ристовски.

Поддршка за македонските борачи стигна и од претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, кој нагласи дека подготовките поминале во најдобар ред и дека очекува резултати:

„Имаме репрезентација значително помлада од дозволената возраст. Се надеваме на две до три медали. Прв пат во историјата на ЕП имаме комплетна женска репрезентација. Целта ни е овие натпреварувачи да бидат заедно еден четиригодишен циклус и од нив да произлезат идни македонски олимпијци.“

Македонија ќе ја претставуваат вкупно 18 натпреварувачи, по девет во машка и девет во женска конкуренција. Настанот претставува значаен момент за македонскиот спорт и шанса за младите спортисти да се докажат на европската сцена.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни