Македонија

ФФМ ја скратува Првата лига – од 2026 само 10 клубови

ФФМ ја скратува Првата лига – од 2026 само 10 клубови

На денешната редовна седница, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) усвои значајна одлука за реформирање на натпреварувачкиот систем во македонскиот фудбал. Од сезоната 2026/27, Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе брои 10 екипи наместо досегашните 12.

„Реформите што ги најавивме веќе се реализираат преку конкретни чекори. Нашата цел е да изградиме пофункционален, поквалитетен и одржлив систем на натпреварување. Со оваа одлука поставуваме нови темели за развојот на македонскиот фудбал,“ соопштија од ФФМ.

Според Федерацијата, реформите нема да застанат тука. Во следните две години планирани се промени и во Втората лига, како и во третолигашките регионални натпреварувања. Целта е создавање на поорганизиран, конкурентен и финансиски стабилен систем во сите рангови на домашниот фудбал.

Дополнително, на истата седница е донесена и одлука за именување на Васко Дојчиновски за нов претседател на Комисијата за натпреварување при ФФМ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни