Земјите членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг постигнаа историски договор – до 2035 година секоја земја ќе вложува најмалку 5% од својот национален бруто-домашен производ (БДП) за одбрана, безбедност и отпорност.
Во Хашката декларација се наведува дека оваа одлука е донесена како одговор на сериозните безбедносни закани, особено долгорочната закана од Русија и постојаната закана од тероризмот.
– За да ги исполнат индивидуалните и колективните обврски, земјите членки се обврзуваат да инвестираат 5% од БДП годишно во основни одбранбени потреби, во согласност со член 3 од Вашингтонскиот договор – стои во Декларацијата.
Од вкупните средства, најмалку 3,5% ќе бидат наменети директно за трошоци за одбрана и исполнување на Целите за способностите на Алијансата, додека преостанатите 1,5% ќе се вложуваат во зајакнување на отпорноста – заштита на критична инфраструктура, граѓанска подготвеност, иновации и развој на одбранбената индустриска база.
Секоја земја ќе изготвува годишни планови со јасно дефинирани чекори за постигнување на оваа цел. Напредокот ќе се преиспита во 2029 година во зависност од глобалната безбедносна состојба и новите потреби.
Во декларацијата, НАТО исто така потврдува заедничка посветеност за забрзување на трансатлантската одбранбена соработка, отстранување на трговските бариери меѓу сојузниците и вложување во иновации и нови технологии.
Особено се нагласува поддршката за Украина, при што се истакнува дека безбедноста на Украина е директно поврзана со безбедноста на НАТО. Дел од вложувањата ќе биде насочен и кон јакнење на одбранбената индустрија на Украина.
– Ние, лидерите на земјите членки, ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност кон НАТО, кон трансатлантското единство и кон колективната одбрана, како што е загарантирано во член 5 од Вашингтонскиот договор. Напад врз еден е напад врз сите – се наведува во Хашката декларација.
Следниот Самит на НАТО ќе се одржи во Турција во 2026 година, а потоа и во Албанија.