Основното јавно обвинителство досега оформило само еден предмет за кривично гонење по иницијатива на Антикорупциска комисија. Барање за поведување кривична постапка има за поранешниот претседател на Кривичен суд Владимир Панчевски и за градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски за вработувања на нивните внуци. Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска за ТВ21 ни изјави дека од досега поднесените немаат никаква информација дали е прифатено или не, иако оваа одлука на антикорупционерите е усвоена уште во мај годинава. Планираат да иницираат средба во Јавното обвинителство по одморите.
„Во врска со овие две поднесени кривични пријави немаме дополнителни информации од Јавното обвинителство дали се започнати со обработка до каде се процесуирани и така натаму, значи немаме информации. Во врска со последните три кривични пријави кои се однесуваат на градоначалникот на општина Сарај, директорката на Стоматолошки клиники како и директорката на Медицински центар од Битола тие се уште не се излезени од нашата институција односно се во процес на подготовка на пишување на иницијативата“, изјави Билјана Ивановска – претседател на ДКСК.
Од Обвинителство за ТВ21 велат дека предметот за градоначалникот на Прилеп е испратен во Основното јавно обвинителство во тој град и дека е оформен предмет и се поведува постапка, додека за Панчевски немаат информации.
Малку поинаква е состојба со прекршочните пријави која со новиот закон ги води Прекршочна комисија кои досега повеле постапки на 64 лица. Од сите нив само 10 лица не ја платиле казната но за нив се уште не е поминат рокот. По овој основ досега се платени околу 500 илјади денари. Единствено поранешниот претседател Ѓорге Иванов за кого во април годинава беше поведена прекршочна постапка за армиските унапредувања не ја платил казната.
„Претседателот Иванов не ја плати така што постапката натаму продолжува на суд. Постоењето всушност на оваа комисија е да скрати еден чекор да не мораат сите странки да се обраќаат до судот и таму да ги расчистуваат овие обврски и затоа постои нашава комисија. Претседателот не се обрати до нашата комисија не ја подмири обврската со платен налог, тоа значи и 50 посто од износот, така што сега следниот чекор е на суд“, изјави Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.
За предметите кои Антикорупциска ги отвори за премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, Ивановска вели дека тој на Заев е затворен, бидејќи веќе постои судска одлука, додека тој на Мицкоски се уште се истражува. Ивановска се пожали што се уште не се обезбедени нови простории во кој ќе се инсталира опремата со која требаше да имаат увид во банкарските сметки на функционерите како и комуникација со 17 институции од кои ќе се црпат информации. Опремата инаку, се уште се наоѓа складирана во депото на Министерството за правда.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА