Патнички автобус се преврте на автопатот А19 во североисточната германска покраина Мекленбург-Западна Померанија во текот на ноќта, при што се повредени најмалку 20 лица, од кои едно е во критична состојба, изјави утрово портпаролот на полицијата, цитиран од ДПА и БТА.
Тешко повредениот патник бил заробен во урнатиот автобус два часа пред да биде ослободен од екипите за итни случаи. Според портпаролот на полицијата, сериозноста на другите повреди сè уште се утврдува.
Автобусот, управуван од германската компанија FlixBus, првично скршнал од патот надесно, а потоа се превртел. Причината за несреќата сè уште се истражува.
Автобусот, кој превезувал 53 патници и двајца возачи, патувал од Копенхаген до Виена. Инцидентот се случил околу 2:40 часот по локално време (3:40 часот по бугарско време) во близина на излезот за Робел во правец на Берлин, кој се наоѓа околу 150 км југоисточно.
На местото на несреќата беа испратени служби за итни случаи, вклучувајќи болничари, пожарникари и хеликоптери за спасување. Полицајци од блиските полициски станици во областа на автопатот, исто така, реагираа на помош.
Автопатот е целосно затворен по несреќата и засега не е јасно кога ќе биде повторно отворен.
FlixBus е германска компанија која нуди евтино патување во Европа, главно со автобус, но и со воз. Во 2018 година, компанијата почна да нуди автобуски услуги на долги релации во Соединетите Американски Држави.