Основниот кривичен суд Скопје и Здружението на судии на Република Северна Македонија денеска потпишаа Меморандум за соработка со Приватната високообразовна институција „Бреинстер Некст“ – Скопје. Целта е воведување нови дигитални алатки за зголемување на ефикасноста и економичноста на постапките, како и подобрување на пристапот на граѓаните до судските услуги.
Преку оваа соработка, студентите од Бреинстер Некст кои ќе посетуваат практична настава во судот, ќе работат на развој на апликации засновани на вештачка интелигенција. Меѓу новитетите се:
- алатка за автоматско пренесување на аудио записи од главните расправи во текстуална форма (speech-to-text) на македонски јазик,
- унапредување на технологијата за аудио и видео снимање на судењата,
- апликација за директно и брзо анонимизирање на судските пресуди, и
- модернизација на веб-страницата на судот со поголема достапност преку социјалните мрежи.
Во меморандумот е вклучена и заштитата на личните податоци, при што студентите нема да имаат пристап до судскиот систем и нерешени предмети. Ќе се почитуваат сите законски одредби за заштита на личните податоци и доверливоста на постапките.
Иницијативата има за цел да ја олесни работата на судиите и судската служба, да овозможи побрз пристап до правдата и ефикасно водење на постапките, но и да придонесе за поголема транспарентност и збогатување на судската пракса, што ќе биде корисно за медиумите, невладините организации и пошироката јавност.