Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска се очекува да ја поднесе својата оставка, откако Обвинителството поднесе обвинение против неа во рамки на случајот „Адитив“, пренесе Сител.
Според обвинението, Димитровска се сомничи за две кривични дела – незаконско стекнување со сертификат за државна тајна и злоупотреба на истиот преку оддавање доверливи информации на осомничен во предметот. Станува збор за прв случај во кој актуелен претседател на Антикорупциска комисија се соочува со кривично гонење додека е на функција.
Како што пренесе Сител, оставката треба да биде официјализирана во текот на денот, по што на потег ќе биде Собранието – да ја констатира оставката и да започне постапка за избор на нов член на Комисијата.
Настанот предизвика бурни реакции во јавноста. Граѓански организации и невладини здруженија побараа итно и целосно расчистување на случајот, со повик до институциите за транспарентност и одговорност.
Случајот „Адитив“ веќе некое време е предмет на внимание во јавноста, а последниот развој дополнително го актуелизира прашањето за кредибилноста на институциите задолжени за борба против корупцијата.