Најголемиот комерцијален патнички авион во светот, Airbus SE A380, доживеа неочекувана ренесанса во однос на патничките капацитети кога глобалните патувања се опоравија по пандемијата. Но, одржувањето на безбедноста на овој авион во воздух станува сè поскапа главоболка за авио-компаниите, пишува Bloomberg.
Дваесет години по својот прв лет, се зголемува бројот на регулаторни билтени кои наложуваат поправки, инспекции или замена на делови за овој масивен четиримоторен авион. Иако некои се процедурски, како барањата за редовни проверки на опремата, други се од посериозна природа.
Списокот на дефекти сè повеќе се проширува
Клизачите за евакуација кои пропуштаат, напукнати заптивки и скршена оска на тркалото за слетување се меѓу 95-те директиви за летна способност за A380, издадени од Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA) од јануари 2020 година. Тоа е приближно двојно повеќе директиви во споредба со големите авиони на Boeing во истиот период.
Поради ограничената понуда на понови и поекономични авиони, компаниите што се обврзале на двокатниот A380 немаат многу избор освен да продолжат да летаат со него. Во својата младост, A380 беше триумф на меѓународната соработка, со четири милиони делови произведени од 1.500 компании ширум светот. Денес, сложеноста на авионот станува предизвик поради фрагментираните синџири на снабдување во воздухопловната индустрија.
„A380 е комплексен авион, чии димензии го прават понапорен за одржување во споредба со други авиони. За безбедноста е клучно да не се создава стигма околу објавувањето на директивите за летна способност – безбедноста мора да биде на прво место“, наведува EASA.
Агенцијата додава дека овие директиви, кои наложуваат дејствија за осигурување на безбедноста на летовите, може значително да се разликуваат по обем и итност. „Бројот на директиви за различни типови авиони не е добра основа за споредба“, велат од EASA.
Сепак, со капацитет да пренесе 485 или повеќе патници, доцнењата поради механички дефекти можат да бидат скапи и да предизвикаат ланчани проблеми во распоредот на летови. Еден A380 на Qantas Airways на рутата Сиднеј – Лондон се расипал во Сингапур на 7 мај поради проблем со пумпа за гориво. Летот кон Лондон бил одложен за повеќе од 24 часа, а патниците биле сместени во хотели.
Повеќе од 100 дена паркиран во Манила
Тоа бил втор дефект со пумпа за гориво што предизвикал доцнење на летот QF1 во Сингапур откако Qantas повторно ги активирал своите A380 авиони. Наскоро, патниците на Qantas кои на 14 јули требало да летаат од Сингапур за Сиднеј со A380, доцнеле со денови поради технички проблеми. Плановите за нивно преземање дополнително се комплицирале поради оштетување на друг A380 на аеродромот во Сиднеј, кога пристанишен мост удрил во еден од моторите.
Еден авион на British Airways, A380 со регистрација G-XLEB, неодамна поминал повеќе од 100 дена во Манила. По враќањето на аеродромот Хитроу во Лондон средината на јуни, летал само седум дена од наредните триесет, според податоците од Flightradar24.
Сепак, British Airways од следната година започнува со програма за обновување на ентериерот, вклучително и преуредување на кабините на A380, што укажува дека авионот ќе остане во употреба со години. За авиокомпаниите што користат A380, нема многу алтернативи со голем капацитет. Новиот Boeing 777X доцни со години, а Airbus не може доволно брзо да ги произведува A350 за долги релации.
Во меѓувреме, операторите на A380 управуваат со суперџамбо авион кој станува сè побарачки и поскап за користење. На авијациските форуми, некои од овие летови веќе добиваат репутација поради дефекти, откажувања или ноќни доцнења.
Зафаќаат простор и работна сила во сервисите
Во соопштение, Airbus наведува дека A380 „и понатаму редовно лета со висока оперативна сигурност, која за глобалната флота во последните 12 месеци изнесува 99%. Airbus е посветен на обезбедување целосна техничка поддршка на клиентите за да ја оптимизираат употребата на својата флота A380, и тоа ќе продолжи додека авионот е во служба.“
Во меѓувреме, A380 зафаќа простор и работна сила во сервисните центри ширум светот, дополнително влошувајќи го веќе постоечкиот недостаток на капацитет за поправка во комерцијалната флота. Сеопфатната проверка на овој огромен авион може да трае и до 60.000 работни часови, според компанијата за одржување Lufthansa Technik.
Qantas испраќа некои свои авиони во Дрезден, Германија, на генерална поправка; British Airways ги праќа во Манила на сервис; а Emirates, најголемиот оператор на A380 во светот, ги одржува дел од нив во Кина.
Некои од последните дефекти на овие авиони се резултат на подолготрајното приземјување за време на пандемијата, кога авио-компаниите ги паркираа своите A380 во калифорниската пустина, централна Шпанија или австралиската внатрешност.
Директивата за летна способност издадена од EASA на 16 мај наложи замена на надувувачките клизачи за евакуација. Споевите со лепак биле напукнати, веројатно поради изложеност на влага и топлина за време на складирањето. Дефектот можел да има смртоносни последици, истакнува EASA.
Производството запрено и пред пандемијата
На 7 април, EASA наложи инспекции на A380 откако откри дека заптивката на спојот меѓу тркалото за слетување и крилата била напукната. Директивата од април минатата година бараше замена на некои оски на тркалото за слетување по пукање на еден авион кој бил складиран од 2020 година.
Иднината на Airbus A380 веќе била неизвесна кога пандемијата на ковид-19 ги запре глобалните патувања на почетокот на 2020 година. Година порано, Airbus ја прекина производството поради слаба продажба.
Кога пандемијата се повлече, A380 изненадно пронајде нова намена. Патувањата процутеа, а превозници како Singapore Airlines, Lufthansa и Qantas повторно ја прифатија единствената способност на авионот да пренесува голем број патници.
A380 сè уште има свои обожаватели
Секако, A380 сè уште има свои обожаватели. Emirates, кој користеше некои A380 како извор на резервни делови, планира да лета со овие авиони сè до крајот на следната деценија. Претседателот на компанијата, Тим Кларк, го спореди авионот со „огромна правосмукалка“ која може да проголта патници како ниеден друг авион.
Проблемите со доверливоста се најновото поглавје во приказната за суперџамбото кое речиси секогаш предизвикуваше поделени мислења. Патниците сè уште ја сакаат пространоста и смелиот дизајн на A380. Авиокомпаниите, пак, се соочуваат со логистички предизвици – од потреба за подолги писти и огромни хангари, до технички драми.