Свет

ФОТО Хаос во Ангола: Уапсени повеќе од 500 луѓе, ограбени банки!

ФОТО Хаос во Ангола: Уапсени повеќе од 500 луѓе, ограбени банки!

Најмалку четири лица се убиени, а повеќе од 500 се уапсени откако протестите во Ангола поради зголемувањето на цените на горивата се претворија во насилни судири со полицијата.

Немирите започнаа во понеделникот и вклучуваа судири со полицијата откако владата објави дека ќе ја зголеми цената на дизелот за да го намали притисокот од субвенциите врз јавните финансии, објави Ројтерс.

Како одговор на тоа, локалните такси здруженија во главниот град Луанда ги зголемија цените на билетите за 50 проценти и започнаа тридневен штрајк, за време на кој избувна насилство.

Според портпаролот на полицијата, Матеус Родригез, уапсени се повеќе од 500 лица, додека продавници, банки и некои бизниси биле ограбени и вандализирани.

Родригез изјави дека во Луанда сè уште има спорадични немири и дека околу 45 продавници и 20 јавни автобуси се оштетени.

Такси здружението АНАТА се дистанцира од насилните немири, но објави дека нивниот штрајк ќе продолжи според планот.

„Стана јасно дека гласот на таксистот ги одразува протестите на анголскиот народ“, се вели во соопштението на АНАТА.

Ангола е еден од најголемите производители на нафта во Африка, но земјата нема доволно рафинерии за да ја задоволи домашната побарувачка, па затоа мора да увезува дизел и бензин по високи цени, објаснува „Еуроњуз“.

Субвенциите за гориво постепено се намалуваа во земјата во текот на изминатата година, а протестите поради зголемувањето на цената на бензинот во 2023 година, исто така, завршија со смртни случаи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни