Свет

Претседателката на Молдавија: Русија има план да ја контролира нашата земја од есен

Претседателката на Молдавија: Русија има план да ја контролира нашата земја од есен

Молдавската претседателка Маја Санду денеска ја прогласи корупцијата и незаконското финансирање од Русија за најголема закана за парламентарните избори кои ќе се одржат на 28 септември во оваа источноевропска земја.

Проевропската Партија за акција и солидарност на претседателката би можела да ја изгуби мнозинската поддршка во парламентот на поранешната советска република, која се наоѓа помеѓу Украина и Романија.

„Руската Федерација од есен сака да ја контролира Република Молдавија и подготвува невидено влијание врз изборите во септември“, изјави Санду на прес-конференција во Кишињев.

Кремљ ги отфрли тврдењата дека Русија се меша во изборниот процес во оваа држава со два и пол милиони жители. Четири проруски партии најавија формирање на блок со цел победа на изборите и симнување на владата која има за цел влез во ЕУ до 2030 година. Односите меѓу Русија и Молдавија се влошија откако Кишињев ги интензивираше напорите за европска интеграција.

Санду ја спомена и употребата на криптовалути

„Најголемата опасност од руското влијание врз нашите внатрешни прашања е тоа што претставува директна закана за националната безбедност, суверенитетот и европската иднина на нашата земја“, рече Санду.

Молдавија ја обвинува Русија дека и минатата година се вмешала во претседателските избори и референдумот за приклучување кон ЕУ. Тогаш, молдавските граѓани со само 10.000 гласови повеќе одлучија да продолжат кон евроинтеграција (50,35% наспроти 49,65%).

Кишињев тврди дека Русија ќе делува преку поткуп на гласачи, сајбер напади, платени протести и ширење дезинформации.

„Само преку криптовалути се планира финансирање во вредност од околу 100 милиони евра“, изјави Санду, без да приложи докази за тоа тврдење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни