Договорот за средба Трамп-Путин во Алјаска на 15 август е голем пробив во дипломатијата-велат од Вашингтон. Белата куќа не ја отфрла можноста ниту за трилатерална средба, иако потпретседателот Венс не мисли дека би било продуктивно Путин да седне на маса со Зеленски пред средбата со Трамп. Додава дека ниту Украина ниту Русија нема да бидат задоволни од резултатите од решението за војната, но веруваат дека преговорите вредат труд, дури и ако не успеат.
„Сега не би било продуктивно, основно е дека Трамп мора да биде тој што ќе ги спои двајцата. Во процес сме на договарање време кога овие тројца лидери би можеле да седнат и да разговараат за крај на конфликтот. Ќе се обидеме да најдеме некое преговарачко решение, но и Русите и Украинците веројатно на крајот на денот ќе бидат незадоволни од тоа“, изјави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.
Зеленски пак, категоричен – нема да прифати размена на територии како услов за мир. Тврди дека Москва не сака крај на конфликтот и дека се потребни нови санкции додека бројот на повредени во рускиот напад врз автобуската станица Запорожје расте.
„Рускиот напад врз Запорожје, како и врз други населени места во Украина, покажуваат дека Русија не презема никакви вистински чекори кон мирот. Затоа се потребни санкциите, потребен е притисок. Ни треба сила – пред сè, силата на САД, на Европа. Ако Русија не сака да ја запре војната, тогаш ние мора да ја запреме нејзината економија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
За европските сојузници важно е средбата да се одржи во трилатерален формат-одлуки за Украина без Киев не можат да се носат.