Свет

Алјаска се подготвува за средбата САД-Русија

Алјаска се подготвува за средбата САД-Русија

Некогаш руско поднебје, денес најголема американска држава и стратешки, геополитички коридор. Вашингтон и Кремљ не случајно одбраа в петок Алјаска да биде центарот на светот. Сите очи се вперени кон исходот од самитот Трамп-Путин, во исчекување да се постигне договор за мир, но и во неизвесност дали самитот ќе биде нов ринг за прекројување на светската мапа. Точната локацијата на средбата сè уште не ја открива ниту една од страните, но жителите на студената Алјаска се подготвени. Се надеваат дека двајцата лидери ќе дојдат до решение за мир.

„Се надевам дека ќе донесат најдобра одлука, ќе ги решат работите и ќе можат да разговараат едни со други на разумен начин, бидејќи очигледно тоа ме засега и мене и сите во сад, но наскоро ќе видиме што ќе се случи“, изјави Џордан Канфилд, војник на американската армија.

„Би било добро двајцата лидери да комуницираат и некако да најдат решение за ова, да не се води војна, бидејќи никој не сака војна“, изјави Кетрин Франсис – жителка на Анкориџ.

Најголемиот град на полуостровот Анкориџ е логистичка порта за проток на стока и луѓе, но сега добива политичка тежина. Свесни дека се наоѓаат на граничната линија со Русија, како раскрсница меѓу истокот и западот, жителите на Алјаска го чувствуваат притисокот од историската средба меѓу американскиот и рускиот претседател.

„Бидејќи сме во Алјаска, очигледно најблиска станица до Русија, па доколку дојде до спор, ќе бидеме испратени на фронт, јас сум воздухопловен извидник, тоа би било многу веројатно, но ќе видиме што ќе произлезе од сето ова“, изјави Џордан Канфилд – војник на американската армија.

„Улогата на Алјаска е да биде центарот на светот. Ние сме главната раскрсница на сите авио-линии, ние сме центарот на бизнисите“, изјави Кетрин Франсис – жителка на Анкориџ.

Уште неколку дена не делат од самитот Трамп-Путин, на кој сè уште е неизвесно дали ќе присуствува и украинскиот претседател зеленски. Останува да лебди прашањето можно ли е да се постигне договор за мир без на масата да се најде и засегната страна од ужасната војна.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни