Оперската легенда и доајен на Македонската опера, професор и амбасадор на македонската уметност во светот, Милка Ефтимова, почина утрово во Скопје на 89-годишна возраст.
Во својата повеќедецениска и блескава кариера, Ефтимова изведе 40 оперски улоги и безброј партии во ораториуми и соло настапи, со вкупно над 1.200 појавувања на сцена во повеќе од 20 земји ширум светот. Со својот препознатлив вокал и изразена артистичност, ја оживеа публиката со улогите на Орфеј („Орфеј и Евридика“), Ацучена („Трубадур“), Еболи („Дон Карлос“), Сузуки („Мадам Батерфлај“), Марфа („Хованшчина“), Урлика („Бал под маски“) и многу други. Сепак, најсилно ќе остане запаметена во насловната улога на „Кармен“, со која и јубилејно се прости од оперската сцена на 6 ноември 1991 година.
Покрај сценската кариера, Ефтимова беше и истакнат педагог – редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, предавач во Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип.
За својот придонес во културата и уметноста беше одликувана со највисоки државни и професионални признанија, меѓу кои „11 Октомври“ (1985), „Св. Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009) и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).