Македонија

Меџити: Охридскиот договор е жив темел на правична и инклузивна држава

Меџити: Охридскиот договор е жив темел на правична и инклузивна држава

На 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, министерот Изет Меџити порача дека документот не е само спомен од минатото, туку жива основа врз која се гради современа, правична и инклузивна држава.

„Денес не се потсетуваме само на договор кој стави крај на конфликтот, туку на политичка и институционална визија – држава на сите и за сите. Охридскиот договор е темел врз кој ја изградивме еднаквоста, инклузивноста и правдата како клучни елементи на демократското функционирање,“ изјави Меџити.

Тој истакна дека договорот претставува нов општествен договор, врз кој се спроведени реформи за трансформација на институциите од затворени и исклучувачки во отворени, достапни и репрезентативни механизми.

Меџити нагласи дека Владата е посветена на воспоставување на систем кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, предупредувајќи на последиците од половични решенија, како оспорувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик и укинувањето на механизмот на „балансирачот“ од страна на Уставниот суд.

„Во мултиетничка држава, Уставниот суд има суптилна и стратешка мисија – не само да го штити уставниот поредок во формална смисла, туку и да придонесува за кохезијата и мирот меѓу заедниците,“ рече Меџити. Според него, Судот треба да биде гарант на уставната еднаквост и заштитник на темелните политички договори, толкувајќи ги законите во духот на Уставот, а не со црно-бело читање.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни