Во тешка сообраќајна несреќа во американската сојузна држава Њујорк, туристички автобус со над 50 патници се судри со камион на автопатот I-90, во близина на местото Пембрук, на околу 48 километри од Бафало.
Полицијата потврди дека во несреќата има повеќе загинати и повредени, а дел од патниците сè уште се заробени во урнатините од автобусот. Некои биле и исфрлени при ударот. На лице место интервенираа повеќе спасувачки екипи, меѓу кои и хеликоптери на организацијата Mercy Flight, кои досега пренеле четворица повредени во болници, а најавено е дека ќе бидат евакуирани уште најмалку двајца.
Според првичните информации, патниците биле претежно туристи од Индија, Кина и Филипини, а во автобусот имало и деца. Полицијата на терен најави дека се обезбедуваат преведувачи за комуникација со повредените.
Несреќата се случила кога автобусот, кој се движел од Нијагарините водопади кон Њујорк Сити, изгубил контрола, удрил во средишниот појас, по што премногу нагло се вратил на коловозот и завршил во канал.
Локалните власти ја опишуваат несреќата како „инцидент со масовни жртви“. Марк Полонкарц, извршен директор на округот Ери, информираше дека делницата на автопатот ќе остане затворена „сè додека не завршат спасувачките и истражните активности“.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, соопшти дека е известена за „трагичната автобуска несреќа“ и дека нејзиниот тим координира со државната полиција и локалните власти за спасување и згрижување на сите патници.
Полицијата најави дека во текот на денот ќе бидат објавени повеќе информации за бројот на жртвите и причините за несреќата.