Патиштата во Македонија остануваат опасно место каде што во просек на секои три дена згаснува по еден човечки живот. Во периодот од 2020 до 2023 година, вкупно 492 лица загинале во сообраќајни незгоди. Ревизорите констатираат дека мерките и активностите кои се преземаат од надлежните институции, иако придонесуваат за подобрување на условите, „не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво“.
Според извештајот, во овие четири години се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои повеќе од половината (15.724) биле со потешки последици. Најголем број од овие незгоди, дури 41%, се случиле на подрачјето на СВР Скопје.
Далеку од европскиот просек, слични со регионот
Кога состојбата ќе се спореди со Европската Унија, бројките се поразителни. Просечниот број на загинати лица годишно во земјава изнесува 65 на милион жители, што е за 41% повисоко од просекот во ЕУ, кој е 46. Во 2023 година, стапката во Македонија била 69 загинати на милион жители, додека во ЕУ била 46.
Во споредба со земјите од Западен Балкан, Македонија има помал број на загинати на милион жители од Црна Гора (89), Албанија (80), Босна и Херцеговина (72) и Србија (71), но состојбата и понатаму останува сериозна.
Брзото возење и возењето без дозвола доминантни причини
Анализата на сообраќајните контроли спроведени од МВР во периодот 2019-2023 година покажува дека човечкиот фактор е главна причина за несреќите. Брзото возење е убедливо најчестиот сообраќаен прекршок. Веднаш по него следат поминувањето на црвено светло, неправилното престигнување и недавањето првенство. Загрижува и податокот дека најголем број возачи се исклучени од сообраќај поради управување возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на санкционирани поради возење под дејство на алкохол.
Државата без стратегија, институциите без координација
Ревизорите откриваат низа на системски слабости кои придонесуваат за црниот биланс. Клучен проблем е што државата функционира без важечка Национална стратегија за безбедност на сообраќајот, бидејќи последната истекла уште во 2020 година. Уште полошо, за претходната стратегија никогаш не бил изработен извештај за степенот на нејзината реализација, ниту пак биле евалуирани ефектите од неа. Нова стратегија почнала да се подготвува дури во јуни 2024 година.
Ова отсуство на стратешки документ, според ревизорите, оневозможува усогласено и координирано спроведување на активностите.
Проблемите се провлекуваат низ целиот систем:
- Нецелосни податоци: Во полициската евиденција за сообраќајни незгоди недостасува клучен податок – географски координати на локацијата на несреќата, што оневозможува детални анализи и превенција на „црни точки“.
- Неискористена технологија: Системот „Safe City“ (Безбеден град), иако со години е функционален, сè уште не се користи за казнување на сообраќајни прекршоци поради неприлагодена законска регулатива. Дополнително, Владата уште во 2020 година набавила софтвер и камери во вредност од 7,3 милиони денари, кои воопшто не се користат.
- Недоволни ресурси: Човечките капацитети во институциите се оценети како недоволни, а стекнатите знаења од обуките не може да се применат бидејќи државата не создала услови за лиценцирање на експерти, како на пример, ревизори за безбедност на патиштата.
Извештајот заклучува дека без надминување на овие длабоки системски недостатоци, без јасна стратегија и без целосно искористување на расположливите ресурси, бројот на жртви на македонските патишта тешко ќе се намали до посакуваното ниво.
Читај и ова:
- 1.ФОТО Пожар во Илинден – огнот се приближува до куќите
- 2.Руски дрон погоди станбена зграда во Полска, објавија локалните медиуми
- 3.Полскиот премиер: Најблиску сме до војна од Втората светска војна
- 4.Дневен хороскоп за среда, 10-ти септември 2025 година!
- 5.Кривична пријава против самостоен инспектор од СВР Битола – оддавал службени тајни