Авион на швајцарската авиокомпанија Swiss International Air Lines, кој требало да лета за Цирих, мораше нагло да го прекине полетувањето од меѓународниот аеродром „Логан“ во Бостон поради проблеми со моторот.
Инцидентот се случил додека авионот се движел по пистата за подготовка за полетување, кога од задниот дел на леталото излегле пламенови. Настанот е снимен во живо и емитуван на YouTube, каде што се гледа како моторот се запалува во моментот на забрзување.
Според првичните информации, екипажот веднаш реагирал и го стопирал полетувањето, а противпожарните служби на аеродромот интервенирале за да спречат поголема опасност. Засега нема информации за повредени патници или членови на екипажот.
Патниците се евакуирани и пренасочени кон терминалот, а авиокомпанијата најави дека ќе им обезбеди алтернативен лет.
Американските воздухопловни власти најавија дека ќе спроведат истрага за причините за дефектот на моторот.