Во НЕВЕРОЈАТНА кражба што се случи во четврток, од аптеката на онколошката болница „Паскале“ во Неапол беа украдени експериментални лекови за рак во вредност од дури 800.000 евра. Иако веста беше објавена дури денес, настанот ја потресе целата институција, а генералниот директор Маурицио ди Мауро предупредува дека, покрај огромната финансиска штета, најголема штета претрпуваат пациентите за кои континуитетот на терапијата е од витално значење, пишува Corriere.it.
Истрагата за кражбата ја презедоа карабињерите, а како што се дознава, болницата е опремена со камери за надзор чии снимки би можеле да бидат клучни за идентификување на сторителите на ова дело.
И покрај сè, Ди Мауро нагласува дека ќе биде обезбеден континуитет на терапијата за сите пациенти.
„Нема да застанеме пред криминалот и кукавичлукот на оние кои ги искористуваат посебните ситуации и околности за да предизвикаат штета, следејќи ги своите интереси, на особено ранливи пациенти“, рече тој. Целата болница е во очај поради кражбата, а моноклоналните антитела, експерименталните лекови и неколку лекови наменети за третман на увеален меланом исчезнаа од аптеката.
Бидејќи станува збор за лекови што бараат складирање на строго контролирана температура во фрижидер, истражителите се сомневаат дека зад кражбата стои организирана група што знае како да ракува со таков чувствителен материјал.
Претпоставката е дека скапите лекови се украдени со цел да се препродадат на црниот пазар или на темната мрежа.
„Зборуваме за онколошки лекови, неопходни за пациентите за кои континуитетот на терапијата е клучен. Јасно е дека веднаш интервениравме за да обезбедиме третман, но останува исклучително сериозно што вакви инциденти се случуваат и покрај усвоените безбедносни системи. Паскале има прилично софистициран систем за контрола: токму овие денови завршивме со инсталирање на дополнителни видео камери, поставени низ целата институција“, рече Ди Мауро.
Директорот Ди Мауро изрази надеж дека истрагата ќе вроди со плод. „Се надевам дека карабињерите, кои одлично ја вршат работата, ќе можат да ги пронајдат одговорните за оваа кражба. Јас лично ќе се погрижам истрагите да продолжат до крај со цел да се идентификуваат оние што материјално ја предизвикале оваа штета“, рече тој.
За среќа, брзата реакција на Институтот Паскале обезбеди пациентите да не претрпат никакви последици.
„Третманите не се прекинати. Терапијата продолжува редовно за сите пациенти, благодарение и на нашата аптека, која одлично си ја врши работата“, заклучи Ди Мауро.