Цената на златото се приближува до 4.000 долари

Цените на златото надминаа 3.900 долари за унца на глобалните пазари, што одразува загриженост на инвеститорите во врска со затворањето на американската влада и очекувањата дека американската централна банка повторно ќе ги намали клучните каматни стапки за да ја поддржи вработеноста.

На физичкиот пазар, унца злато вредеше 3.943,01 долари напладне, што е зголемување од 1,5 проценти во однос на затворањето на крајот од минатата недела.

Цената на златото во фјучерс договорите на американскиот пазар, исто така, се зголеми за ист процент, каде што унцата се тргуваше по 3.966,37 долари.

Побарувачката за овој благороден метал беше зголемена од затворањето на американската федерална влада, што ја продлабочи неизвесноста кај инвеститорите и ги поттикна да го насочат капиталот во безбедни средства.

Затворањето на владата влезе во втората недела, бидејќи демократските пратеници истрајуваат со барањата за придонеси за здравствена заштита, а претседателот Доналд Трамп се заканува со бран отпуштања во владините служби и намалување на буџетот.

Доколку претседателот Трамп процени дека преговорите со демократите во Конгресот „не водат апсолутно никаде“, Вашингтон ќе започне со масовни отпуштања на федерални службеници, изјави во неделата висок функционер на Белата куќа, според Ројтерс.

Златото поскапе за речиси 50 проценти од почетокот на годината, а поттик за скокот на цените беше, меѓу другото, силната побарувачка од централните банки.

Инвеститорите го купуваат скапоцениот метал пред состанокот за монетарната политика на американската централна банка.

ФЕД ги намали каматните стапки за четвртина процентен поен во септември, а претседателот Џером Пауел објасни дека темпото на создавање работни места е побавно отколку што би било потребно за да се одржи стабилна стапка на невработеност.

Компаниите во моментов, во целина, вработуваат многу малку, истакна Пауел при објавувањето на одлуката, а дури и мало зголемување на бројот на отпуштања брзо би се претворило во поголема невработеност.

Комитетот за монетарна политика на ФЕД, исто така, сигнализираше на својот септемвриски состанок дека може да го забрза темпото на намалување на трошоците за позајмување во услови на послаба економска активност и побарувачка на работна сила.

Каматните стапки би можеле да се намалат на 3,6 проценти до крајот на годината, според медијаната на нивните прогнози. Во јуни, тие предвидоа стапка на крајот од годината од 3,9 проценти.

Аналитичарите сега проценуваат дека ФЕД најверојатно ќе ги намали каматните стапки за четвртина процентен поен на својот состанок во октомври и за уште четвртина поен во декември, според алатката FedWatch Tool.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.