Половина час пред терминот за негов распит, обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми пристигна во зградата на Апелациониот суд, каде се наоѓа одделението за гонење на организиран криминал и висока корупција.
Два часа пред обвинителката Вилма Рускоска сведочел во врска со случајот „Рекет“ и наводната поврзаност со специјалната обвинителка Катица Јанева и за истрагата „Поштенска банка“ чиј предметен обвинител е тој.
„Јас дојдов и дадов изјава во својство на сведок за “Рекет” во врска со истрагата за „Поштенска банка” која ја води Обвинителството. Ја кажав вистината, ги дадов сите информации. Верувам дека мојот исказ ќе даде придонес за развој на истрагата. Ги објаснував сите детали поврзани со истрагата”, изјави Бурим Рустеми – обивнител во СЈО.
Одби да даде детали за колегиумот кој во понеделникот се одржал во СЈО за кој неговата колешка Фатиме Фетаи вчера рече дека бил свикан за да им се закани Катица Јанева ако не ја бранат од нападите за посредништво за рекет.
„Јас нема да откривам детали од тоа заедничко пиење кафе на колегиумот со Јанева. Можам да кажам само дека јас лично не почувствував закана или влијание од некого за што да кажам или што да не кажам во денешното сведочење во истрагата „Рекет“, додаде Рустеми.
На новинарско прашање дали бил прашан и за станот кој требало да биде во рамки на замрзнатиот имот на осомничен во „Поштенска банка, но бил изземен од замрзнување по наредба на Јанева, а потоа продаден на нејзиниот пријател, ексдиректорот на МЕПСО Сашо Василевски, тој рече дека одговорил на сите прашања што му ги поставил обвинителот кој го вршел денешниот распит.
Рустеми додаде дека истрагата за „Поштенска банка“ е при крај и наскоро ќе се преземат следните активности. Денешното сведочење на обвинителот Рустеми е трето, откако претходно исказ дадоа обвинителката Лиле Стефанова и шефицата на кабинетот на Катица Јанева. Според информации на ТВ21, Катица Јанева добила покана за распит за вторник во 10 часот, но како што дознаваме на поканата не пишувало дека е повикана како сведок, што било случај кај претходно повиканите обвинители.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ