Приватниот инвестициски фонд „МидЕвропа“ (MidEuropa) постигна договор за продажба на водечкиот производител на млечни производи во Југоисточна Европа, компанијата „Имлек“, дознава 4NEWS.mk. Новиот сопственик е конзорциум предводен од семејниот инвестициски холдинг „AJFH“ на познатиот српски претприемач Андреј Јовановиќ, во партнерство со актуелниот извршен директор на „Имлек“, Бојан Радун.
Иако цената на трансакцијата останува деловна тајна, оваа зделка претставува сериозно поместување на регионалниот пазар, враќајќи ја сопственоста на најголемата млечна индустрија во рацете на локални бизнисмени со докажано искуство.
Што значи ова за Македонија?
Оваа аквизиција има директно влијание врз македонската економија, бидејќи „Имлек“ е сопственик на битолската млекарница „Бимилк“, еден од столбовите на домашната прехранбена индустрија.
Покрај централата во Падинска Скела близу Белград и капацитетите во Македонија, компанијата оперира и во Босна и Херцеговина преку млекарницата „Млијекопродукт“ од Козарска Дубица. „Имлек“ годишно преработува речиси 400 милиони литри сурово млеко, одржувајќи силни партнерски односи со над 3.500 фармери во регионот.
Со традиција долга над 70 години и портфолио од над 200 производи, вклучувајќи го култниот бренд „Моја Кравица“, компанијата важи за синоним за квалитет на пазарите во Србија, Црна Гора, БиХ и Македонија.
Искусни „играчи“ го преземаат кормилото
Новите сопственици се добро познати имиња во бизнис секторот на Балканот:
- Андреј Јовановиќ: Има богата историја на создавање и ширење на пазарни лидери. Тој е коосновач и поранешен сопственик на „Марбо Продукт“ (познат по чипсовите, подоцна купен од PepsiCo), како и поранешен извршен директор и косопственик на групацијата „Моји Брендови“, која ги вклучуваше гигантите „Бамби“ и „Књаз Милош“.
- Бојан Радун: Актуелниот извршен директор на „Имлек“, кој ја води компанијата од 2018 година. Радун има над две децении искуство во FMCG индустријата, а претходно раководел со „Бамби“ и „Нектар“ (сокови). Тој е и претседател на надзорниот одбор на полската компанија „Hortex“.
„Во партнерство со Андреј Јовановиќ, уверен сум дека можеме да отклучиме дополнителна вредност и дополнително да ја зајакнеме позицијата на ’Имлек‘ како најдоверлив бренд за млечни производи во Србија и регионот,“ изјави Радун по повод договорот.
Процесот на продажба моментално е предмет на вообичаените регулаторни одобренија, вклучително и оние од органите за заштита на конкуренцијата и странските инвестиции. Се очекува трансакцијата официјално да биде затворена во првиот квартал на 2026 година.