Патниците на летот W64783 на компанијата „Виз ер“, кои вчера требаше да отпатуваат од Скопје за Љубљана, останаа на тлото по неуспешен обид за полетување.
Според информациите и податоците од сервисот за следење на летови „Flightradar24“, авионот од типот Airbus A321-271NX (со регистарска ознака HA-LZP) уредно ја напуштил платформата и се упатил кон пистата за полетување.
Драмата се случила во моментот на самото полетување. Како што може да се види од графичкиот приказ на брзината, авионот започнал со залет и развил брзина од дури 112 јазли (приближно 207 километри на час), но полетувањето било веднаш откажано (aborted takeoff).

Наместо да се вивне во небото, леталото направило круг на самата писта и со мала брзина (такси) се вратило назад на стартната позиција – на паркинг местото на гејтот.
Веднаш по враќањето на платформата, патниците биле безбедно симнати од авионот.
Засега нема официјални информации која е точната причина за ваквата одлука на капетанот на летот. Според информации на 4NEWS.mk пилотот донел одлука најверојатно поради техничка грешка на леталото која се појавила при самото полетување.