Свет

Погоден нафтен терминал во Русија, има загинати

Погоден нафтен терминал во Русија, има загинати

Во напад врз нафтен терминал во близина на селото Волна во рускиот Краснодарски крај загинаа две лица, соопшти доцна вечерва гувернерот на регионот, Венијамин Кондратиев.

„Нафтениот терминал во моментов гори, погодени се четири резервоари со нафтени производи. 29 единици опрема и 97 лица, вклучувајќи ги и припадниците на руското Министерство за вонредни ситуации, се ангажирани во отстранувањето на последиците“, рече Кондратиев.

Тој додаде дека ова е втора ноќ по ред како Краснодарскиот крај е нападнат. Ноќта од вторник кон среда, беспилотно летало ја погоди рафинеријата Афипски. Во објектот избувна пожар. Таа е една од најголемите рафинерии во јужна Русија и претходно била цел на напади со беспилотни летала. Пожари се пријавени таму и по нападите во септември и ноември минатата година.

Украина ги смета руските енергетски објекти за воени цели бидејќи тие директно ја финансираат војната на Русија против Украина. Киев редовно извршува напади длабоко на руска територија со цел да ги ослабне воените капацитети на Кремљ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни