Македонија

Пропаганда за грижа за младите или квалитетни промени? „Последните промени, надежни кадри“, вели Муслиу

Нина Ангеловска е кадар кој ќе дојде како замена за министерот за финансии, Драган Тевдовски. Ваква одлука беше донесена на вчерашниот Централен одбор на СДСМ. Нина Ангеловска се занимава со новите технологии и дигиталната трговија. Таа е основач на една од најуспешните македонски онлајн компании „Групер“. На министерската функција доаѓа како непартиски кадар. Како што вели подготвена е да инвестира во прогресивните фискални политики кои ќе креираат посилна економија за граѓаните и кои ќе ги задржат младите дома.

Освен за Ангеловска, донесени се одлуки и за нови заменици-министри за образование, Елизабета Наумовска и за економија, Коле Колемишевски.

За заменик-министер на новото Министерство за политички систем е предложен Неџат Мехмедовиќ, политиколог и историчар, кој дипломирал на Правниот факултет и бил асистент истражувач во Институтот за национална историја во Скопје. Освен овие измени, на синоќешното заседавање, беа избрани и новите потпретседатели на СДСМ, Коста Петров, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Мила Царовска и Дамјан Манчевски.

Аналитичарот Алберт Муслиу со став дека за првпат во ова министерство доаѓа лице од секторот на реалната економија.

Измените во СДСМ ги коментираше и ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека СДСМ глуми дека ја реформира партијата. Заев е во очај и фатен во сериозен скандал на криминал и корупција. Зоран Заев ќе направи сѐ што може само за да си ја спаси сопствената кожа, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ со контра-одговор. Уверуваат дека продолжуваат со промените и зајакнување на капацитетите кои се во интерес на граѓаните, додавајќи дека на овој начин се отвора поголема можност за младите.

Инаку, се очекува премиерот Зоран Заев да ги достави до Собранието предлозите за испразнетите министерски места во Владата. Сѐ уште не се знае кога ќе биде закажана пленарна седница на која треба се изберат новите министри и нивни заменици-министри.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни