Консумирањето алкохол и наркотични средства е еден од значајните ризични фактори што треба да се испитаат при постапувањето во случаи на семејно насилство, но зависноста не може да претставува оправдување за насилничкото однесување.
Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи кои информации се важни при проценката на опасноста за жртвата.
Според Андонова, при првиот контакт со жртвата, полициските службеници треба да утврдат дали насилството се случувало и претходно, колку често се повторувало и дали сторителот бил под дејство на алкохол или наркотични средства.
Таа посочи дека во голем број случаи се забележува поврзаност меѓу насилничкото однесување и претходното консумирање алкохол или дрога.
Во одредени ситуации, како што објасни, насилното однесување може да се манифестира и кога зависното лице не може да дојде до супстанцијата што ја користи.
„Тој податок се добива од жртвата и добро е веднаш да се провери дали насилникот дејствијата ги презема во состојба на зависност, односно по претходно консумирање алкохол и наркотици“, нагласи Андонова.
Обвинителката потенцираше дека ваквите околности не треба да се користат за намалување на сериозноста на насилството.
„Тоа не е елемент на ослободување или полесно гледање на неговото однесување“, посочи таа.
Според Андонова, утврдувањето на евентуална зависност е значајно бидејќи може да укаже на потребата од дополнителни мерки кон сторителот, вклучително и задолжително лекување, кога за тоа се исполнети условите.
Таа нагласи дека институционалното постапување треба да биде насочено не само кон утврдување одговорност за насилството, туку и кон препознавање на ризичните фактори што можат да доведат до негово повторување.