Во Основниот суд во Штип денеска започнува судскиот процес против 74-годишниот Денис Асанов, обвинет за свирепото убиство на сограѓанката Б.Н. (79). Иако во претходната постапка пред обвинителството дал исказ за настанот, обвинетиот пред судот се изјасни дека не се чувствува за виновен за делото што му се става на товар.
Злосторството се случи минатата година, а случајот ја згрози јавноста откако делови од телото на жртвата беа пронајдени закопани во дворот на куќата на Асанов. Според првичните сознанија од истрагата на Основното јавно обвинителство Штип, како мотив за убиството се наведуваат љубомора и нерасчистени меѓусебни односи.
Разрешницата на случајот следуваше по пријавата на 84-годишната сестра на жртвата, која на 24 октомври 2025 година пријавила дека Б.Н. е исчезната. По повеќедневна потрага, полицијата на 10 ноември изврши претрес во домот на обвинетиот, каде беа откриени крвави траги и предмети поврзани со кривичното дело.
Како што соопшти МВР по апсењето во ноември минатата година, дополнителните вештачења и истражните разговори помогнале во целосно расветлување на начинот на кој е извршено убиството. Обвинетиот Асанов оттогаш се наоѓа во притвор и го чека соочувањето со доказите во судницата.